Владата го утврди дополнетиот ребаланс на Буџетот со амандаманите од комисиската расправа во Собранието


Скопје, 26 октомври 2020 (МИА) – Владата на Република Северна Македонија на денешната 15-та редовна седница ги усвои дополнувањата на ребалансот на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година со амандманите кои беа прифатени во комисиската расправа во Собранието, и донесе заклучок вака утврдениот ребаланс на Буџетот да биде доставен на усвојување во Парламентот.

Како што соопшти владината прес-служба, вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходните измени и дополнувања на Буџетот истите беа планирани на реално ниво односно пониски за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или се 4,1 отсто, односно за околу 10 милијарди денари повисоки во однос на планот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,49 отсто од БДП.

-Имајќи ги предвид настанатите околности извршени се промени во однос на иницијалните проекции на расходната страна на Буџетот на Република Северна Македонија, пред сè за спроведување на активностите предвидени со четвртиот сет на мерки. Во овие рамки обезбедени се дополнителни средства во здравствениот сектор за активности кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза, а се однесуваат за набавка на лекови, имунизација на население и други неопходни средства и поддршка на вработените кои се директно вклучени во борбата против пандемијата, се наведува во соопштението.

Тековните трансфери се планирани на ниво од 177,3 милијарди денари или за околу 11,2 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2020 година, а се однесуваат пред сѐ на преземените мерки за обезбедување средства за имплементација на четвртиот пакет економски мерки донесени од страна на Владата на Република Северна Македонија за справување со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, а кои ќе имаат директен импакт врз реалната економија и директно помагање на приватната потрошувачка.скс/


Видете следно

Буџетот на Министерството за транспорт за 2021 ќе тежи 5,306 милијарди денари, фокус на капиталните проекти

Навремена реализација на капиталните инвестиции и обезбедување на  потребите на голем број граѓани ќе овозможи  …