Breaking News

Владимир Христовски избран за претседател на КУД „Стив Наумов“ – Битола


Владимир Христовски е избран за нов претседател на културно уметничкото друштво „Стив Наумов“ – Битола, кое во моментов има 120 членови во три ансамбли, односно мешан хор, младински хор и мандолински оркестар.


Христовски е познат битолски стопанственик, хуманист, ротаријанец, поранешен член на мандолинскиот оркестар и поддржувач на културата, кој како што изјави за МИА, со амбициозна програма ќе го предводи најстарото културно уметничко друштво во градот.


– На изборното собрание добив доверба, заедно со членовите на новото претседателство, да создадеме услови и овозможиме поголема афирмација на КУД „Стив Наумов“, да го зголемиме музичкиот репертоар и да се подготвиме за големиот јубилеј што доаѓа, а тоа се 80 години од формирањето. Со хорот во иднина ќе работи и диригира професорката по хорско пеење, диригент Лилјана Трајковска, а мандолинскиот оркестар ќе го раководи професорот по музичка уметност, Мирко Митровски. Поставивме високи цели во нашата програма, која очекуваме да биде збогатена со духовна стара македонска музика, современа и тематска музика, филмска музика и многу концерти што ќе ги приредиме во градот, државата и странство, изјави за МИА, новиот прв човек на КУД „Стив Наумов“- Битола, Владимир Христовски, дипломиран графички инженер.

КУД „Стив Наумов“- Битола е формирано на 6 ноември 1944 година, кога на градскиот плоштад, два дена по ослободувањето на градот, одржан е првиот концерт на хорот со кој тогаш диригирал Тодор Скаловски. мт/бд/


Битола, 3 февруари 2023 (МИА)