ВМРО-ДПМНЕ: Субвенција до 50 проценти за секој којшто ќе одлучи да ја смени фасадата


Претставниците на СДСМ на денешните средби во рамки на предизборната кампања, зборуваа за концептот „Едно општество за сите”, европските перспективи на земјата, демократијата, првото и правната држава. Ги истакаа реформите направени во јавното здравство и за следниот мандат, доколку издвојат победа на претстојните парламентарни избори, ветија повисока социјална помош за лицата од ранливите категории.

Членовите на ВМРО-ДПМНЕ, како што е наведено во нивната читакна со предизборните ветувања, се обврзаа на најмалку 25 проценти поголема просечна плата во земјава, 20 отсто поголеми пензии за пензионерите и најмалку двапати годишно раст на пензиите, четири милјарди евра инвестиции, домашни и странски, невработеност под 10 отсто, рамен данок најнизок во Европа од осум проценти, данок од нула проценти за вработен млад човек до 29 години, субвенција до 50 проценти за секој којшто ќе одлучи да ја смени фасадата, за топол дом, за помали трошоци, како и на закон за потекло на имот на сите политичари.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев во Гостивар порача дека тој град отсекогаш бил пример за мултиетничноста, пример на единство и сплотеност.

– Тоа е иднината, тоа единство и заедништво е единствениот исправен пат, модел кој може да на јакне и на економски план, и како народ и како држава и како луѓе. Тоа е единствениот модел кој може да им гарантира подобра иднина на нашите деца. Ви благодарам што верувате во тој концепт, ви благодарам што верувавте во овој концепт и кога многу други не веруваа, порача Заев.

Тој додаде дека со носењето на Законот за употреба на јазиците, никој не загубил ништо, а со него се доби само повеќе единство и меѓусебно разбирање.

Тој ги повика граѓаните да гласаат за европската и демократската опција на 15 јули.

– Покажавме дека сите политичари не се исти, не калкулиравме со личниот и партискиот рејтинг. Кога се исправивме пред вистината, знаевме зошто 30 години не се носеле одлуки, се плашеле за политичката кариера. Ама ние не се плашиме, зарем има поважно нешто од нашите деца и нашите внуци. Носевме одлуки и ги затворивме комплетно сите важни прашања, истакна Заев.

Тој додаде дека како власт покажале дека водат грижа за сите, најмногу за сиромашните.

– 30 години никој не носеше одлуки, но ние имавме храброст и носевме одлуки. Не само за договорите со Грција и Бугарија, туку и за Законот за употреба на јазиците, за зголемување на социјалната помош, за поголеми пензии, за поголема минимална плата, за 12 000 стечајци, за повисока просечна плата, за воведената државна социјална пензија, рече Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски истакна дека доаѓаат четири победнички години, заминува срамното минато.

– Нашата програма Обнова е создавана многу внимателно, во која учествуваа експерти политички и неполитички определени, во читанката од 360 страни ќе најдете буквално за секого по нешто, порача Мицковски.

Тој истакна дека за наредните четири години предвидени се над 600 милиони евра за земјоделците, а иновативен начин платен трудот, а не какошто рече нивите да останат неизорани и неожнеани. Нудат и реформи за враќање на правната држава, како и враќање на националното достоинство и исправање на сите грешни политики. Здравство кое ќе се темели кон превенцијата, а не кон тули и тендери, како и изградба и реконструкција на нови 1.000 километри патишта.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ порача дека ќе донесат и закон за проверка на имотот на политичарите, а тој ќе биде првиот кој ќе биде подложен на ветинг.

Мицкоски посочи дека граѓаните ако гласаат за ВМРО-ДПМНЕ веќе во Македонија нема да царува криминалот, а власта да го сокрива криминалецот како што беше обичај на СДСМ.

– Луѓето од оваа власт продадоа се што имаше за продавање. И повторно денес ги слушаме со истата теза дека морало ова да се направи за Македонија да биде дел од Европа и за да подобро се живее, појасни Мицкоски.

Тој на граѓаните им вети дека сите проекти предвидени во програмата ќе бидат реализирани во текот на четиригодишниот мандат.

– Тие проекти ќе помогнат во подобрувањето на животот на граѓаните, но и ќе помогнат на Република Македонија, истакна Мицкоски.

Носителката на листата на коалицијата „Можеме” во првата изборна единица и потпретседателката на СДСМ Мила Царовска нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ во својата програма нуди минимална плата од 60 отсто од медијалната плата, што изнесува 13.000 денари, а тоа значи намалување на сегашната минимална плата од 14.500 денари, која СДСМ ја зголеми за 60 проценти за само 2,5 години.

– Зголемувањето на минимална плата за 60 отсто на 14.500 денари директно влијае на квалитетот на живот на најсиромашните, 90.000 работници од трудоинтензивните сектори добија повисока плата. За 5.000 денари порасна просечна плата, стандардот расте, а истовремено ги поддржавме и комапниите за да бидат одржливи, истакна Царовска.

Таа додаде дека сега 120.000 илјади лица добиваат социјална помош повисока за 300 отсто, како и детски и образовен додаток, за 2,5 години невработеноста е намелана на историски ниска стапка, младинската невработеност падна за 13 проценти и сето тоа е направено во услови на наследена економија во минус 1,8 отсто, која сега е издигната на 3,6 отсто.

– Бројките не може да се демантираат на ниту еден начин, порача Царовска.

Носителот на листата за пратеници во ИЕ 3 на ВМРО ДПМНЕ, Игор Јанушев смета дека политиките на СДСМ се веќе прочитани, а тие како ВМРО ДПМНЕ ќе работат на враќање на македонското национално достоинство, а земјоделецот да биде горд, платен и на прво место.

– Ние се обврзуваме дека во овие четири години се што е ветено ќе го испорачаме на граѓаните, знаете дека ВМРО ДПМНЕ, кога ќе земе обврска тоа го испорачува, се обврзуваме закон за потекло на имотот на сите политичари, па да видиме дали Заев има капитал од 80 или од 8 милиони евра, дали со една година министрлук може да се купуваат фабрики станови, кажете ми една работа која Љупчо Николовски го има направено за земјоделието, тоа што една година се обиде и го оплеска, вели Јанушев.

Јанушев порача дека со многу труд, многу работа и вложување ќе се направат работите подобри за секого.

Носителот на листата на кандидати за пратеници на коалицијата „Можеме” во ИЕ 2 и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски нагласи дека за интеграциите во НАТО и ЕУ биле потребни силна политичка волја, визија и лидерство.

– ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот не дадоа поддршка на овие процеси и сега не доаѓаат на дебата со што покажуваат дека се враќаат назад, оцени Спасовски.

Тој нагласи дека на овие избори е важно е да се воспостават институциите на системот и тие да бидат функционални.

– Како ќе ги воспоставиме ако нема избори?! Очекувам дека граѓаните ќе бидат на висина на одговорноста и дека ќе имаме доволна излезност што ќе даде легитимитет на новата Влада и на Парламентот коишто се потребни за носење одлуки од здравствен аспекти, заради економијата и европските интеграции, рече Спасовски.

Тој порача дека Концептот „Македонија – Едно општество за сите”, нема алтернатива и дека е доста е со национализми и со делби.

– Никој не смее да уценува. Владата се прави врз основа на принципи и програми. Нема концепт за размена на пратеници, ова беше синтагма колку ВМРО-ДПМНЕ ќе загуби на изборите. Никој не може да забележи на СДСМ за еднаквиот третман кон сите. Треба да дојде квалитетот до израз и одлуката на граѓаните и врз основа на тоа ќе седнеме да разговараме за составот на новата Влада. Но, за нас уцена не е прифатлива, изјави Спасовски.

Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на ИЕ 2 истакна дека во ова време, во ек на пандемија, кога народот за жал е оставен во границите на Македонија добро е да си ги посетиме овие убави места насекаде во Македонија, а во изборна единица два има многу такви прекрасни места.

– Затоа ги повикувам граѓаните да ја сакаат Македонија да ги сакаат овие прекрасни места бидејќи набрзо ќе има многу проекти не само за Бутел за Ѓорче Петров не само за Куманово не само за Чаир, туку насекаде низ изборната единица 2 туку насекаде низ Македонија, истакна Мисајловски.

Тој ги повика граѓаните на 15 јули да излезат и гласаат за број 14 и обновата на Македонија, со што и се обврза на повеќе средства од буџетот за културата и културните наследства на Македонија.

– Имам можност повторно да бидам тука во Бутел да разговарам со многу пријатели, со познаници да го прошириме гласот за обнова на Македонија. Денеска сум исто така на убаво место каде што позади мене можете да видите се наоѓа и манастирот Св. Никола место каде што навистина секој еден човек треба да дојде и да го посети, место каде што треба и министерството за култура се разбира и државата да одвои повеќе средства. Вакви убавини има не само во Бутел, туку и насекаде во Македонија затоа е потребно да стигне обновата на Македонија за да има обнова во културата да има обнова во уметноста а јас често пати велам да има и обнова на семејните вредности на традицијата на она исконското да не заборавиме од каде сме и каде припаѓаме и да не ги заборавиме овие прекрасни убавини што се не само позади мене туку и насекаде во Македонија, нагласи Мисајловски

Тој истакна дека затоа е важно на овие избори да се излезе и да се даде довербата за обнова на Македонија, да се даде довербата за коалицијата за обнова за Македонија.

Носителката на листата на Коалицијата „Можеме” во ИЕ 2, Сања Лукаревска порача дека и по 15 јули ќе продолжат да работат за подобар живот и дека тој ден ќе биде ден на изборна победа на СДСМ и Коалицијата „Можеме”.

Лукаревска рече дека градат европска држава во која секој граѓанин живее од трудот, а животот за луѓето е на прво место. Во наредниот мандат, додава се обезбедува уште поголема поддршка за граѓаните.

Таа најави дека во новиот мандат, ќе обезбедат повисока социјална помош за 34.000 домаќинства и детски додаток за 65.000 деца.

– Го решивме проблемот со стечајците кои ВМРО ДПМНЕ ги искористи и ги заборави, рече Лукаревска, нагласувајќи дека 12.000 стечајци користат месечен надоместок од осум илјади денари, а наскоро ќе добијат домашна платежна картичка од 9.000 денари.

Лукаревска најави дека ќе се зголеми опфатот на корисници на домашна платежна картичка и освен стечајци, картичка од 9.000 денари ќе добијат, пензионерите со пензија до 15.000 денари, самохрани родители, невработените кои не се активни баратели на работа.

Лукаревска вели дека градат држава која е праведна и правна за сите. Таа напомена дека се намалени нотарските и трошоците за извршители, со отписот на камати за долгови на физички лица избришани се 10 милиони евра долгови на граѓаните, казните се намалени до 75 проценти, воведено е пропорционално казнување.

– Нема да дозволиме никогаш повеќе државата и институциите да ги плашат граѓаните, да ги уценуваат, да ги крадат. Тие се тука за вас да ви служат-нагласи Лукаревска.

Кандидатот на ДУИ за премиер Насер Зибери при посетата на Струга ја истакна важноста на ова патување, откривајќи им ја идејата на првиот албански премиер, кој претставува силен симбол за еднаквост, мултиетничност и современа демократија, исто така и идејата за подобар живот за сите.

– Поради оваа причина очекуваме поддршка не само од албанските граѓани, туку и поддршка од Македонците и другите етнички заедници, нагласи Зибери.

Скопје, 8 јули 2020 (МИА)


Видете следно

Кордалов за МИА за темата образование: Дигитализацијата е од интерес на секого

Образовните институции имаа доволно време да дејствуваат и да преземат конкретни мерки и чекори кои …