Во Гевгелија почна да се гради модуларниот Ковид центар


Во Гевгелија почнаа подготвителните работи за поставување на регионалната модуларна Ковид болница за прием и тријажа на Ковид пациенти која ќе биде една од шеснаесетте во земјава што ги најави Министерството за здравство.

Општина Гевгелија почна со реализација на својот дел на теренот што се состои во обезбедување на приклучоци за вода, канализација, струја како и целосно уредување на локацијата.

-На терен се изведуваат работите кои се надлежност на локалната самоуправа и очекувам инфраструктурното уредување на локацијата да заврши до крајот на оваа недела. Од почетокот на идната недела, фирмата изведувач од Валандово, ќе ги донесе контејнерите за изградба, по што според нивното деловно ветување, очекуваме за две недели или најдоцна до првата декада на месец декември, Ковид болницата да биде градежно подигната и инсталациски поврзана со системот на гевгелиската Општа болница, рече градоначалникот Сашо Поцков.

На површина од околу 400 метри квадратни, Ковид болницата ќе има дел за подготовка на персоналот,оддел за земање брис и тестирање за присуство на корона вирусот по што ќе се знае дали пациентот останува во ковид стационарот или ќе се упати на лекување на друго специјалистичко одделение во болницата во Гевгелија.

Од Општата болница во Гевгелија, каде моментната состојба се оценува како стабилна,велат дека со Ковид болницата ќе добијат на располагање уште четириесетина кревети за болничко сместување и лекување на ковид пациенти.им/бт/

Гевгелија, 20 ноември 2020 (МИА)


Видете следно

Бочварски: Државата ќе помогне во управувањето со крајбрежјето на Охридското Езеро

Државата нема намера да презема од ингеренциите на општините, но секако дека ќе им помогне …