Во Охрид почна масовно вакцинирање на населението од регионот против Ковид-19


Во спортската сала „Билјанини извори” во Охрид од 10 часот изутринава почна процесот на масовна имунизација на населението против Ковид-19 од Охрид, Струга, Вевчани, Дебар, Ресен и Кичево.

Процесот се одвива согласно однапред утврдена динамика, со закажани термини, граѓаните доаѓат на вакцинирање на повик. За првиот ден од работата на Регионалниот центар за имунизација во Охрид е предвидено да се вакцинираат 1200 граѓани, додека капацитетот на центарот овозможува наредните денови да се спроведува имунизација на до 1500 лица дневно.


Директорот на Општата болница во Охрид Горан Балевски истакна дека масовната имунизација на населението е единствениот начин да се справиме со епидемијата.

– Процесот на вакцинирање се одвива според електронска распределба, пациентите нема да чекаат, тие добиваат термини кога да се јават. Ангажирани се повеќе тимови, и од Општа болница, од Здравствен дом, од Кардиолошкиот центар, персонал од Општина Охрид, така што верувам дека процесот ќе се одвива непречено. Самото вакцинирање е безбедно, а имаме подготвени и искусни лекари и медицински тимови за евентуални несакани, алергиски реакции, рече Балевски.

Според системот за вакцинација, за денеска е предвидена имунизација на повозрасна категорија граѓани, главно лица над 80-годишна возраст.

Балевски појасни дека постои точен план и протокол како ќе се одвива имунизацијата, обезбедени се услови и вакцини за напречен континуиран тек на вакцинирањето.

Што се однесува на состојбата со коронавирусот во Охрид, Балевски изрази задоволство што бројот инфицирани и хоспитализирани се намалува. Во Ковид-центарот при Општата болница во моментов има околу 70 пациенти, од кои 40 се на кислородна поддршка.

– Доколку вака продолжи намаувањето на притисокот врз здравствената установа, ќе отпочне процесот на враќање на одделенијата што се моментално ковид-центри во нормална патологија, оттаму што имаме обврска на третман и лекување и на пациентите што се болни, а не се поврзани со коронавирусот, рече Балевски.

Во Регионалниот центар за имунизација во Охрид е предвидено вакцинирање на населението од општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебар, Ресен и Кичево. Засега тие се имунизираат со вакцини „Синофарм”. Според планот, предвидено е во охридскиот центар за имунизација да се вакцинираат околу 320 илјади граѓани од посочените општини, а понатаму процесот на имунизација на наслението да се одвива во секој од градовите. аб/хс/

Охрид, 4 мај 2021 (МИА) –


Видете следно

Во текот на една недела санкционирани 123 непрописно паркирани возила во Општина Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во текот …