Во последните 24 часа 12.721 новозаболени од коронавирус во Србија


По вчерашниот црн рекор од 13.753 новозаболени со Ковид-19, Србија и денеска, според официјалната веб-страница на Министерството за здравство, бележи петцифрена бројка на заразени, или од 31.540 тестирани позитивни се 12.721 лица, јави дописникот на МИА од Белград.

Според официјалните податоци, уште 23 лица починале во последните 24 часа како последица на коронавирусот, со што вкупниот број на жртви во Србија е 13.026.


Од откривањето на омикрон сојот во Србија и по новогодишните празници, бројот на заразени експлодира. Зголемениот број на заразени доведе до масовна навалица на ковид амбулантите, каде луѓето често чекаат по неколку часа за да добијат, се почесто позитивен тест. Некои белграѓани сведочат дека 10 часа чекале во редиците пред ковид амбулантите.

Иако бројките на заразени никогаш не се поголеми, факт е дека има помалку хоспитализирани. Иако нема посериозни случаи, голем број на заболени значи и повеќе отсутни лекари и воопшто луѓе од нивните работни места, што може да доведе до своевиден социо-економски колапс.


Лекарите известуваат за зголемен број заразени колеги и зголемен број заболени деца, иако повеќето од нив моментално се на зимски одмор.

Поради големиот број инфицирани граѓани денес заседаваше Кризниот штаб.


Покраинскиот секретар за здравство Зоран Гојковиќ по седницата на Кризниот штаб изјави дека училиштата во централна Србија најверојатно ќе почнат да работат според моделот што е на сила во Војводина, што значи дека учениците од 1 до 8 одделение ќе одат на училиште на непосредна настава, додека средношколците ќе посетуваат онлајн настава.

Кризниот штаб одлучи да го скрати периодот на изолација од 10 на седум дена.

-Тоа ни е важно поради враќањето на редовните работни задачи, изјави Гојковиќ.

Кризниот штаб одлучи и сите кои сакаат да се тестираат по сопствено барање, цената на ПЦР тестот наместо досегашните 9.000, да ја плаќаат 6.000 динари и да се намали цената на антигенските тестови од 3.500 на 1.800 динари. об/сд/

Белград, 14 јануари 2022 (МИА)


Видете следно

Марин: Членството на Финска во НАТО е многу неверојатно

Финска во блиска иднина нема планови да се приклучи кон НАТО, но е подготвена да …