Во Словенија највисока инфлација од 2008 година


Љубљана, 30 ноември 2021 (МИА) – Потрошувачките цени во Словенија во ноември 2021 година се зголемени за 4,6 отсто во однос на истиот месец лани, што е највисока инфлација од октомври 2008 година, кога изнесуваше 4,9 отсто, објави денеска словенечкиот државен завод за статистика.

Сепак, според словенечката централна банка (Банката на Словенија), ова е еднократен ефект врз инфлацијата во Словенија, главно поради порастот на цените на енергијата на меѓународните пазари, каде што се очекува смирување следната година.


Сегашниот раст е последица на високите цени на нафтата и природниот гас на меѓународните пазари, а растат и цените на купоните за емисија, пренесува Хина.

Според официјалната статистика, во ноември цените на стоките во Словенија биле во просек за 6,2 отсто повисоки од претходната година, додека цените на услугите се повисоки за 1,5 отсто.


За месечната инфлација најмногу придонесоа поскапите моторни горива и облеката и обувките со 0,2 процентни поени. Дизелот поскапе за 4,8 отсто на месечно ниво, а бензинот за 3,8 отсто. Облеката и обувките поскапеа за 2,6 отсто во ноември.

Во месечната споредба, позабележително поскапеа и топлинската енергија и киријата за станови (за 8,2 отсто), тутунот (за 2,6 отсто), пакет аранжманите (за 1,9 отсто), автомобилите (за 1,2 отсто) и цените на становите за 0,8 проценти. Овие зголемувања придонесоа за инфлација за 0,1 процентен поен.


Базичната инфлација, мерена без ефект на цените на енергијата, храната, алкохолот и тутунот, во меѓувреме достигна 2,7 отсто, па централната банка очекува раст на инфлацијата во Словенија во наредните месеци, додека не се смири ситуацијата во светските синџири на снабдување и на енергетските пазари.

Годишниот раст на цените, мерен преку усогласениот индекс на потрошувачките цени што се користи во компаративната анализа во ЕУ, во Словенија во ноември изнесува 4,9 отсто, што е за 1,4 процентни поени повеќе од октомври. ссм/

2021-11-30 17:18:00, од Сања Костовска


Видете следно

Марин: Членството на Финска во НАТО е многу неверојатно

Финска во блиска иднина нема планови да се приклучи кон НАТО, но е подготвена да …