Во Собранието нова 52 седница и продолжение на 50-тата


Собранието денеска ја продолжи 50-та седница, на чиј дневен ред се околу четириесетина предлози на закони во прво и второ читање, одлуки, автентични толкувања, како и годишни извештаи и почна со работа по нова 52 седница, со единствена точка на дневен ред Предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, предложен од група пратеници.

Координаторот на владејачката СДСМ Јован Митревски рече дека зад предлогот стојат сите партии и од мнозинството и од опозицијата и оти станува збор за измени кои произлегуваат од последниот извештај на ОБСЕ/ОДХИР за предвремените парламентарни избори 2020 година.


– Со измените се опфатени сите делови на извештајот на ОБСЕ-ОДХИР и со истите се овозможува поголема ефикасност на изборните органи, се зголемува и подобрува ефикасноста и транспарентноста во изборниот процес, се прецизираат, појаснуваат и поедноставуваат одредени делови од процесот, надлежноста на изборните органи и другите институции. Генерално со сите предложени измени и дополнувања се опфатени и ќе имаат бенефит пред сè граѓаните како гласачи, кандидатите, но и институциите кои имаат свои надлежности во изборниот процес, рече Митревски, кој побара предлог-законот да се донесе во скратена постапка, бидејќи не е обемен.

Пратеникот Павле Трајанов истакна дека е потребна целосна реформа на Изборниот законик и забележа дека нема услови за рамноправен натпревар на партиите.

Во продолжение треба да заседаваат Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, како и Законодавно-правната комисија, кои треба да го разгледаат Предлог-законот за измени и дополнување на Изборниот законик. По што, законот, повторно ќе се најде пред пратениците.

Претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза и рече дека со 52 седницата ќе продолжат кога ќе се создадат услови, а денеска ќе продолжат со дебата по 50-та седница.ир/лв/

Скопје, 15 септември 2021 (МИА)


Видете следно

Жените вработени во градските служби во Кабул ќе останат дома

Талибанците им наредија на жените вработени во градските служби во Кабул да останат дома, а …