Во Струмица се чистат и истовремено се појавуваат диви депонии


Струмичкото комунално претпријатие лани исчистило 27 диви депонии, а од почетокот на годината досега се појавиле над 30 диви депонии и тоа на местата од исчистените. На депониите има секаков вид отпад, па дури и остатоци од домашни животни.

Според Бранко Ѓоргиев од ЈПКД „Комуналец”, зголемениот број диви депонии се должи на несовесноста на граѓаните, но во последно време, пак, расте бројот на граѓаните кои ги пријавуваат тие што го фрлаат отпадот каде тоа не е дозволено.

– Во последните десетина денови добивме повеќе пријави од граѓани и ние веднаш реагираме. Во рок од 48 часови го подигнуваме отпадот и чистиме. Но, и покрај тоа скоро секојдневно се јавуваат диви депонии, а во последно време заедно со општинската комунална инспекција ги откриваме сторителите и тие сами го подигнуваат исфрлениот отпад, вели Ѓоргиев.

По само два дена откако беше исчистена дива депонија кај селото Раборци, денеска, по пријава на граѓанин, откриена е нова на патот Струмица-Валандово. Лицето кое истура отпад е пронајдено и со асистенција на комуналните инспектори несовесниот граѓанин сам го собрал отпадот и го однел на депонијата „Шапкар”.

-Радува тоа што во последно време граѓаните ги пријавуваат загадувачите. Ги охрабруваме граѓаните кои ќе забележат фрлање на отпад да ги фотографират сторителите за да може да ги пронајдеме, да го исчистат отпадот кои го фрлиле, а комуналниот инспекторат да покрене понатамошна постапка, додава Ѓоргиев.

Од крајот на февруари годинава ЈПКД „Комуналец” почна со чистење на диви депонии покрај населените места, а се планира да се исчистат таквите депонии во сите населени места во општината. Во наредните денови ќе се чистат дивите депонии покрај патот Струмица-брана Водоча и во селото Вељуса, каде заедно со локалното население, ќе се подига отпадот од депониите.

Од комуналното претпријатие ги потсетуваат граѓаните дека можат да ги користат нивните услуги за подигање отпад и во најкраток можен рок нивни екипи тоа ќе го направат. рт/цр

Фото: Архива

Струмица, 7 април 2021 (МИА)


Видете следно

295 санкции за брзо возење на патот Скопје-Охрид, продолжуваат засилените контроли (видео)

Министерството за внатрешни работи во изминативе денови спроведува засилени акциски контроли на делницата Скопје-Охрид-Свети Наум, …