Breaking News

Во услови на раст на цените на храната, популацијата на добиток во ЕУ се намалува


Во услови на зголемени трошоци на живот, раст на инфлацијата и на цените на храната, во ЕУ лани е евидентиран пад на популацијата на свињи, кози, говеда и овци. Намалување на сите видови на добиток има во последната декада и од ваквиот тренд не е поштедена и нашата земја каде популацијата на овци е преполовена од 1,2 милиони во 2006 на 633 илјади во 2021 година, додека бројот на говеда за првпат лани е паднат по 200 илјади.


Во ноември/декември 2022 година во земјите од ЕУ имало 134 милиони свињи, што е пад од 5 проценти во споредба со 2021 година, 75 милиони говеда (пад од 1 процент), 59 милиони овци (пад од 2 отсто) и 11 милиони кози (пад од 3 проценти), покажуваат податоците на Евростат за популацијата на добиток во ЕУ.


Кај нас последните достапни податоци се за 2021 година, кога има значителен пад на популацијата на говеда – од 222 илјади во 2020 на 177 илјади во 2021 година и кози – од 95 илјади во 2020 година на 75 илјади во 2021 година, додека има раст на популацијата на свињи од 164 илјади во 2020 година на 186 илјади во 2021 година и овци од 630 илјади во 2020 година, на 633 илјади во 2021 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика во популацијата на добиток во земјава во последните две декади е во пад. Популацијата на свињи од 204 илјади во 2000 година е намален на 190 илјади во 2010 година, на 164 илјади во 2020 година. Најголем број на свињи сме имале во 2007 година – 255 илјади.


Бројот на говеда во земјава за првпат е намален под 200 илјади во 2021 година, иако е во постојан пад од 264 илјади во 2000 година, на 259 илјади во 2010 година и 222 илјади во 2020 година.

Популацијата на свињи во земјава иако минатата година бележи мал раст, за 20 години е преполовен, од 1,25 милиони во 2000 година, на 778 илјади во 2010 година, на рекордно најниските 630 илјади во 2020 година. Последен пат над 1 милион свињи во земјава имало во 2006 година.


Бројот на кози во земјава, иако значително е намален во последната година, генерално е многу променлив, иако во последните 20 години има раст, од 78 и 75 илјади во 2000 и 2010 година, на 95 илјади во 2020 година. Во 2007 и 2008 година е над 100 илјади, додека во 2018 година има рекордни 117 илјади.

Пад на популацијата на добиток во повеќе земји на ЕУ


Во ноември/декември 2022 година Германија и Данска бележат пад на популацијата на свињи, што е еквивалент на повеќе од половина од вкупното намалување на ниво на ЕУ. Германското намалување од 10 проценти или 2,4 грла е еднакво на 33 проценти од вкупното намалување на ЕУ, додека падот на популација на свињи од 12 отсто во Данска од 1,6 милиони е 22 отсто од вкупниот пад во ЕУ.

Во проценти најголем пад имаат Бугарија и Малта, по 26 проценти.

Падот е генерален тренд, каде сите земји во ЕУ со над три милиони свињи бележат пад, со исклучок на Италија и Шведска со раст од 4 и 3 отсто.

Во ноември/декември 2022 година Франција и Италија бележат пад на бројот на говеда, што е еквивалент на над две третини од вкупниот пад во ЕУ. Падот на Франција од 2 отсто и 340 илјади грла е еднаков на 40 отсто од вкупното намалување во ЕУ . Падот на Италија од 4 отсто и 230 илјади грла на 27 проценти од вкупниот пад на ниво на ЕУ. Најголем пад релативен пад во процент има Бугарија од 5 отсто.

Падот на популацијата на овци во Шпанија од 4 проценти и 630 илјади грла е еквивалент на 57 отсто од вкупниот пад во ЕУ, додека падот од 6 отсто и 400 илјади грла во Франција е еквивалент на 36 отсто во ЕУ.

Падот на популацијата на кози во Шпанија од 5 отсто и 130 илјади грла е еквивалент на 33 отсто од вкупниот пад на популацијата на кови во ЕУ, додека падот од 3 проценти и 80 илјади грла во Грција е еднакво на 23 отсто од вкупниот пад на популацијата на кози на ниво на ЕУ.

Намалување на сите видови на добиток во последната декада

Во последната декада популацијата на добиток бележи пад на сите видови. Популацијата на кози има најголем пад во овој период од девет индексни поени во 2022, споредно со 2012 година. До 2020 година популацијата на свињи беше исклучок на овој тренд, но сепак во последната година и тие имаат намалување, со значителен пад во последните две години.

Со 186 илјади свињи нашата земја во 2021 година е меѓу последните во Европа, помеѓу Албанија со 159 илјади и Словенија со 215 илјади. Од земјите во регионот Црна Гора имала 24 илјади, Косово 47 илјади, Бугарија 694 илјади, Грција – 758 илјади и Србија 2 868 илјади.

По бројот на говеда во 2021 година, со 178 илјади сме на нивно на Луксембург со 187 илјади. Под нас се само Кипар со 84 илјади, Црна Гора со 71 илјада и Малта со 14 илјади. Од земјите во регионот Косово има 260 илјади, Албанија – 336 илјади, Бугарија – 611 илјади и Србија со 860 илјади говеда.

Со 633 илјади овци во 2021 година земјава е меѓу Австрија со 402 илјади и Хрватска со 654 илјади. Од земјите во регионот Црна Гора имала 165 илјади, Косово – 211 илјади, Бугарија – 1 199 илјади, Албанија – 1 480 илјади и Србија – 1695 илјади.

По бројот на кози во 2021 година земјава со 76 илјади е на ниво на Хрватска со 86 илјади. Од земјите во регионот Црна Гора имала 29 илјади, Косово – 30 илјади, Србија – 195 илјади и Бугарија – 215 илјади. аа/са/

Фото: Евростат / МИА архива

Скопје, 23 март 2023 (МИА)