Во Велес и велешко лани за 56 пожари помалку од 2019 година


Велес, 13 јануари 2021 (МИА) – Територијалната противпожарна единица од Велес лани интервенирала 296 пати, помалку за 56 споредено со 2019 кога имала 352 интервенции.

– Најмногу, 25 пати, интервенирале на опожарена трева и трња, 12 случаи на пожари во куќи и 15 на запалени оџаци и кровови, 15 на опожарени возила, има и четири случаи на вадење настрадани при сообраќајни несреќи од возила, пет пати влегувале во домови на починати лица. Споредено со претходната 2019-та кога во пожари починаа три лица, а во несреќата лани во пожарите во Велес и велешко нема ниту една жртва, информира за МИА Љупчо Лепидовски командир на ТППЕ Велес.

Минатата година ќе остане забележана и по малиот број шумски пожари. Само на пет декари кај село Виничани, а најмногу 20-30 хектари изгореле под сува трева и трња, за разлика од 2019-та која беше катастрофална и во која само над велешко езеро „Младост” во еден пожар беа опожарено 400 хектари од кои половината со квалитетна борова шума. Воедно, во 2019 имаше и големи шумски пожари во реонот на Општина Чашка.

Како што информира Лепидовски, лани имало технички интервенции, гасење на патнички возила, струјомери, оџаци, контејнери, станови, куќи и мотори, а поради пандемијата со Ковид ТППЕ Велес била ангажирана дополнително од страна на Општина Велес и Кризниот штаб и за дезинфекција на јавни површини и простории.

Инаку ТППЕ лани интервенирала на седум пожари во Општина Градско, односно имало две такви интервенции помалку во однос на 2019-та, кога беа девет, а во Општина Чашка биле 18 интервенции што е помалку за 21 споредено со 2019-та кога биле 39 интервенции.

Во екот на грејната сезона, ТППЕ Велес за неколку месеци над 60 пати интервенирала на запалени контејнери на повеќе локации во градот,а повеќепати гаснела и запалени оџаци.

– Инаку од почетокот на оваа нова 2021 година ТППЕ Велес имала 15 интервенции од кои најголем број на запалени контејнери и оџаци, а гаснела и три-четири запалени коли, информира Лепидовски. ад/мс/

2021-01-13 14:22:18, од Антоанела Димитриевска, Велес


Видете следно

Куманово за спорт и спортски активности годинава одвои 13,5 милиони денари

Општина Куманово преку секторот за спорт за оваа година одвои 13,5 милиони денари за програмата …