Воведување на кирилични домени во интернет просторот


Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет наскоро преку својот нов национален кириличен домен ќе им овозможи на македонските граѓани да го користат интернетот на своето македонско кирилично писмо.

Ова беше најавено на заедничката прес конференција на министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и директорот на МАРнет, Сашо Димитријоски, при што се потенцира дека станува збор за грижа за зачувување на националниот идентитет преку користење на домени на својот мајчин јазик, што претставува заложба и на најголемите земји во светот.

„На официјалната веб страна на МАРнет (www.marnet.mk), е поставен прашалник за тоа кој кириличен домен најадекватно би ја претставувал Македонија во меѓународниот интернет простор. Предлозите од македонските граѓани ќе можат да се испраќаат до 3 декември оваа година, кои потоа ќе бидат разгледани од страна на МАРнет и ќе се одредат низите кои ги задоволуваат пропишаните технички критериуми. Се надеваме дека граѓаните ќе предложат креативни решенија.„- рече министерот Ивановски.

Според условите, низата на карактери која го означува интернационализираниот врвен домен мора значајно да го претставува името на соодветната земја или територија, како и нејзините специфики. Предлозите на заинтересираните можат да бидат во кратки и подолги варијанти, односно скратеници или целосни имиња.

„По определувањето на низите кои ќе ги исполнуваат сите критериуми за да станат интернационализиран врвен кириличен домен, ќе бидат ставени на гласање на веб страната на МАРнет.„- рече директорот на МАРнет, Сашо Димитријоски.

По завршување на процесот на гласање, кој ќе трае еден месец, а во кој ќе може да се вклучат сите заинтересирани граѓани, здруженија или правни субјекти, предложената низа која ќе освои најголем број на гласови ќе биде ставена во официјалното барање за започнување на процесот за добивање на врвниот кириличен домен за Република Македонија, кое ќе биде поднесено до ICANN.

Инаку, досега само четири земји имаат воведено кириличен домен во интернет просторот. После Русија, Србија, Казахстан и Монголија, Македонија ќе биде петтата земја која ќе има кирилична верзија на домен.

Извор: влада.мк


Видете следно

Конференција за регионална соработка посветена на безбедноста при работа

Регионалната соработка, вмрежувањето на граѓанските организации од ИПА регионот, како и унапредување на регионалните граѓански …