Вработените во Мермерен комбинат бараат 30 отсто повисоки плати


Прилеп – Околу 400 вработени во прилепскиот Мермерен комбинат протестираат и бараат зголемување на платите за 30 отсто, незадоволни зашто како работници во профитабилна компанија со странски капитал веќе 10 години не добиле ниту денар повеќе. Тие се жалат дека менаџментот на компанијата досега немал слух за нивните барања, па затоа се одлучиле на ваков чекор.

Велат, компанијата чиј сопственик е Холандски инвестициски фонд, со седиште во Амстердам и свои извршни директори во Прилеп, едноставно не води грижа за работниците, додека со нивната максимална посветеност во работењето остварува висок профит. Просечната плата на вработените изнесува 20.000 денари, што според нив не е воопшто доволно кога се има предвид растот на потрошувачката кошничка, вложениот труд и профитот што се остварува.

Штрајкот е организиран од Синдикатот на Комбинатот, а е поддржан од ССМ, каде што членува oвaa синдикална организација, во која се сите вработени со исклучок на менаџерите. Гранковиот синдикат за индустрија и градежништво на ССМ тврди дека барањата на вработените се издржани и законски. Според ССМ, несфатливо е како менаџерите во услови на штрајк, наместо да почнат преговори, донеле одлука за намалување на платите на вработените. Револтот на вработените е уште поголем ако се има предвид фактот што за истата работа што ја вршат овие работници во Прилеп, за плата од 300 евра, вработени на компанијата во други држави во Европската унија добиваат 3000 евра.

„Ако државата која планира да ги кастри трошоците, не може да ги кастри и ги усогласува личните доходи според порастот на личните трошоци, тогаш кој е Мермерен комбинат, менаџментот и компанијата, па на работниците да им кажат дека нема да ја зголемат платата. Треба да сфатат, нека не мавтаат со казни, кривични пријави или поведување постапки. Штрајкот е апсолутно исправен според законот“, порачува Павел Трендафилов, претседател на гранковиот синдикат на ССМ.

Лидерот на ССМ, Живко Митревски, смета дека со потпишување Колективен договор на синдикатот со менаџерите на комбинат ќе се регулираат многу прашања од сферата на работните односи и едноставно ќе се превенираат многу проблеми.

„Преку Колективниот договор може да се дефинираат и работните места, бонусите на работните места, надоместоците. Преку Колективен договор ќе ги решаваме сите други проблеми кои евентуално би настанале. Доколку имаше Колективен договор и беше потпишан, доколку беше утврдена и таа најниска плата во рамки на компанијата, мислам дека немаше да има вакви проблеми“, изјави лидерот Живко Митревски.

Синдикатот очекува до среда да се постигне договор со менаџментот. Но, ако не се најде заеднички јазик, штрајкот продолжува до конечно остварување на барањата на вработените.

Наспроти овие синдикални барања, менаџментот на компанијата со медиумите контактира со соопштение во кое се акцентира редовната исплата на плати со придонеси на сите вработени.

„Компанијата смета дека штрајкот е организиран спротивно на соодветните законски одредби и го попречува редовното работење, со што се причинува материјална штета на компанијата. Ваквата постапка е потполно неразумна, неоправдана и необјективна. Со 380 вработени Мермерниот комбинат е еден од најголемите работодавци во регионот и дава огромен придонес во развојот на локалната заедница, преку активно учество и поддршка на разни проекти со општествено корисен карактер“, стои меѓу другото во соопштението на комбинатот.


Видете следно

Намален бројот на работници во индустријата

За 4,7 проценти е намален бројот на работниците во индустријата  во периодот јануари ‒ август …