Враќање на сончогледот на македонските ниви преку договорно производство и сигурен откуп


Земјоделци, агробизнисмени, претставници на земјоделски здруженија, експерти, директори на институции од областа на земјоделството и сопственици на компании денеска во Владата на РМ одржаа средба на тема – Договорно производство на сончоглед, во организација на Канцеларијата на Претседателот на Владата.

Во конструктивна дебата се отворија сите аспекти на оваа иницијатива, од кооперантските услови кои ги нуди директорот на Фабриката „Благој Ѓорев“ , како семе и други репроматеријали, до сигурниот откуп на сончогледот за преработка, како и за начините за подобрување на производствените услови за зголемување на приносите.

„Капацитетот на „Благој Ѓорев“ има капацитет за преработка на 40.000 тони сончоглед, а моментално откупуваме само 2000 тони од домашно производство. Останатото го увезувам од Бугарија за што се одлеваат девизи од државата. Токму затоа иницирам кооперантски односи со земјоделските производители во квалитетно семе, репроматеријали, а го гарантирам и откупот по пазарни цени“, вели директорот на „Благој Ѓорев“, Лазов.

Домашното производство на сончоглед последниве години бележи драстичен пад на површините, причините познати како за сите култури, скапо производство, ниска откупна цена и неисплатливост за земјоделците.

„Идејата за договорното производство е одлична и ја поддржуваме. Ова е можност да ја замениме пченицата со сончоглед доколку имаме сигурен пласман. Но потребна ни е и зелена нафта и зголемување на субвенциите како мотив плус за да се префрлиме со производство на оваа култура. Но особено ни е важна поддршката на Владата и МЗШВ во овој процес заради сигурноста дека ќе се почитуваат договорите“ посочуваат земјоделците

„Враќањето на сончогледот на македонските ниви е многу важен процес кој ќе придонесе во решавање на проблемот со пласманот на пченицата, обработување на напуштени земјоделски површини како и намалување на трговскиот дефицит преку намален увоз на суров сончоглед за преработка но и увоз на сурово масло кое понатаму преработувачките капацитети во државата ќе можат да го набавуваат од домашно производство. Како влада стоиме до земјоделците и агробизнисмените во сигурноста што значи почитување на договорите и навремена исплата на родот“, рече Ленче Николовска, посебен советник за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на Република Македонија.

„Со оглед на тоа дека сончогледот е пролетна култура, се сее во март месец, а интересот е голем кај земјоделците во периодот што следи ќе има кампања за што поголемо информирање на земјоделските производители во март месец да се засеат поголеми површини од моменталните 2000 ха“, рече Николовска.


Видете следно

Со менторство до побрз развој на човечките ресурси во компаниите

Законско регулирање на менторството на работното место,  потреба од изготвување на стандард кој воедно ќе …