Втор ден расправа за Националната стратегија за спречување на корупцијата


Втор ден пратениците во Собранието расправаат по Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2021-2025.

Денешната расправа траеше околу еден час, по што претседателот на Собранието ја прекина седницата поради процесот на имунизација на собраниските служби.


Расправата помина во реплики и контрареплики и меѓусебни обвинувања меѓу опозицијата и власта.

Од опозицијата обвинија дека корупцијата и криминалот се влезени во секоја пора на општеството и оти што и да донесат како пратеници, власта не ќе може да го спроведе. Единствената светла точка, според нив, е Антикорупциската комисија.

За пратениците од власта, пак, ова е вистинска стратегија во вистинско време, а нејзината имплементација зависи од сите.

Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска посочи дека стратегијата е дел од веќе започнатата борба против корупцијата. Апелираше до пратениците да не ја поврзуваат Комисијата со ниту една власт и негираше дека имале притисоци.

– Вие како Собранието ќе и дадеме уште поголем легитимитет на стратегијата и ќе покажете пред македонската јавност дека сите сте единствени во борбата против корупцијата. Затоа ве молам не не поврзувајте нас со ниту една власт бидејќи ние сме независно тело и работиме независно и професионално. За кого утврдуваме наоди, за тој постапување без оглед од која страна се наоѓаме. Значи ние не сме политички играчи. Избрани сме затоа што сме биле профеионалци и се трудиме објективно и независно да работиме. За сите сомнежи доколку потојат, секогаш сме отворени, порача Ивановска.

Седницата ќе продолжи утре во 13 часот. бак/сп/

Скопје, 14 април 2021 (МИА)


Видете следно

Во пресрет на сезоната на можни пожари на отворен простор во државата – координативен состанок за превенција

Во пресрет на сезоната на можни пожари на отворен простор во државата, денеска, (11.05.2021), под …