Фото: Sky News

За дрвената градба на Нотрдам се искористени 21 хектари шума – преку 2.000 богослужби годишно се одржуваат во црквата!


Богородичната црква или Нотр Дам (француски: Notre Dame de Paris) е готска катедрала на источната половина на островот Сите на реката Сена во Париз, Франција, со главен влез од западната страна. Ова е катедралата на Париз и седиштето на архиепископот на градот. Богородичната црква се смета за најубавиот пример за француската готска архитектура. Виоле-ле-Дик, еден од најпознатите француски архитекти, ја обновил и сочувал од уривање. Името „Нотр Дам“ на француски значи „Нашата Госпоѓа“ (Богородица или Дева Марија). Ова е една од најубавите готски катедрали во светот, градена низ целиот готски период. Скулптурите и витражите се одликуваат со големо влијание од натурализмот, за разлика од пораната романска архитектура.

Богородичната црква има пет ѕвона. Големото бурдонско ѕвоно наречено „Емануел“ е сместено во јужната кула, и тежи околу 13 тона, и се ѕвони за да се означат часовите, како и по разни прилики и богослужби. Во северната кула има уште четири додатни ѕвона на тркала, кои се звонат со нишање. Овие одѕвонуваат за разни богослужби и празници. Некогаш тие се ѕвонеле рачно, но денес работата ја вршат електромотори. Ѕвоната имаат и надворешни токмаци и со нивна помош се свират мелодии на мала клавијатура.

Околу 13 милиони посетители и верници ја посетуваат црквата годишно, или во просек околу 30.000 дневно. Во најфреквентните денови, над 50.000 луѓе дневно влегуваат во катедралата.

По 5 богослужби дневно се одржуваат од понеделник до сабота, а во недела по 7. Кога на тоа ќе се додадат празничните и други специјални служби, излегува дека преку 2.000 богослужби годишно се одржуваат во црквата.

За дрвената градба се употребени 1.300 дабови дрва, или 21 хектар шума.

На северната кула се наоѓаат 4 ѕвона од XIX век со тежини од 767 kg до 1915 kg.

На јужната кула има едно ѕвоно од XV век, прелеано во 1681 на барање на Луј XIV, кое тежи 13 тони.

Нултата точка“ на Франција, која е референтна точка за растојанијата долж автопатиштата кои започнуваат од Париз, се наоѓа на плоштадот пред катедралата.

За време на раниот XIX век, катедралата била запуштена, и градските урбанисти почнале да размислуваат да ја уриваат. Писетелот Виктор Иго, кој бил голем обожавател на катедралата, го напишал романот „Ѕвонарот на Богородичната црква“ делумно од причина да ја подигне јавната свест за ова културно-историско богатство, што предизвикало повторен интерес за оваа црква. По ова следела кампања за собирање на средства за обнова, и катедралата започнала да се реставрира во 1845 г.

На врвот од катедралата стојат 13 обезбоени статуи. Дванаесет гледаат нанадвор и ги прикажуваат Дванаесетте апостоли, додека на тринаесеттата е прикажан самиот архитект, како гледа навнатре, со раширени раце.


Видете следно

Повеќе од 60 издавачи од Северна Македонија, Унгарија, Србија, Косово, Албанија, Данска се дел од 31-то издание на Меѓународниот саем на книгата

Повеќе од 60 издавачи од Северна Македонија, Унгарија, Србија, Косово, Албанија, Данска се дел од …