За влез на државјани од трети земји Грција ќе се води според каталогот на ЕУ


Во однос на трети земји, вон Европската унија, Грција има цел да се придржува кон каталогот составен од ЕУ, додека, пак, до 15 јули нема да бидат дозволени директни летови од Велика Британија и Шведска, соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер, по состанокот што Кирјакос Мицотакис го одржа со надлежните министри од неговата Влада во пресрет на отворањето на туризмот на 1 јули, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис посочил дека „целиот процес на отворање е динамичен и континуирано ќе се оценуваат податоците”.

Станало збор за начините на кои ќе се спроведува тестирањето на посетителите, за протоколите, како и за задолжителната обврска на туристите, 48 часа пред пристигнувањето во Грција да го имаат пополнето специјалниот образец.

Заедничка констатација, како што соопштија од кабинетот на Мицотакис, било дека е направена правилна подготовка на сите нивоа, за да постои максимална безбедност и за посетителите и за локалното население.

На состанокот присуствувале министрите за здравство, за туризам, за дигитална политика, за поморство и островска политика, замениците-министри за здравство, цивилна заштита, за координација на работата на владата, како и претседателот на Националната организација за јавно здравје и професорот епидемиолог надлежен за Ковид-19.

Атина, 29 јуни 2020 (МИА)


Видете следно

Црно им се пишува: Странските туристи во Црна Гора 460 пати помалку од минатата година

Црногорскиот туризам драстично опаѓа: имало 460 пати помалку странски туристи во Црна Гора во мај …