Breaking News

Започна првата конференција за наука за материјали на МАНУ


Започна Првата конференција за наука за материјали, во организација на Македонската академија на науките и уметностите и Истражувачкиот центар за животна средина и материјали.


Вишиот научен соработник во Центарот за животна средина и материјали при МАНУ, Александра Иваноска – Дациќ во изјава за МИА појасни дека предвидена била уште пред три години, меѓутоа настапил коронавирусот, па се одложила.


– Конференцијата со пленарно предавање ја отвора нобеловецот Ден Шехтман, кој има добиено Нобелова награда во 2011 година за откривање на квазикристалите.

Од главните организатори, тука е Панче Наумов од Њујорк Универзитетот Абу Даби, кој е надворешен член на МАНУ.


Темата на конференцијата се материјалите, поделена е во неколку панелни секции, додаде Иваноска – Дациќ.

Особено е важна, како што истакна таа, бидејќи првпат се организира на една ваква тема, каде што поопширно се опфатени материјалите.


– Значен придонес и дава тоа што нобеловецот Шехтман е прв нобеловец од областа на хемијата, којшто доаѓа во Македонија. Пленарните предавачи се сите видни експерти во својата област.

Придонес даваат и домашните предавачи, исто така сите се етаблирани истражувачи и научници.


Конференцијата е отворена за сите коишто сакаат да присуствуваат и се заинтересирани да видат што се случува и во светот и кај нас, во областа на материјалите, подвлече Иваноска – Дациќ.

Конференцијата ќе се одвива три дена, а како што е најавено ќе учествуваат научници и експерти од земјава, како и од Италија, Ирска, Финска, Обединетото Кралство, Република Чешка, од Јапонија и од САД.

бд/аа/Фото: МИА .

Извор: МИА