Земјоделците од Источно-планскиот регион ќе учат дигитални вештини за полесно да работат


Делчево, 21 септември 2020 (МИА) – Земјоделците од Источно-планскиот регион ќе ги подобруваат своите дигитални вештини за да се прилагодат на новонастанатите пазарни и економски услови на работење што ги наметна КОВИД-пандемијата.

Преку работилници во 11 општини, тие ќе имаат можност да научат како полесно електронски да аплицираат за субвенции, навреме да го планираат производството и да обезбедат пласман.

-Невладината организација „Јавор” од Зрновци во партнерство со граѓанските организации од Источно-планскиот регион во рамки на проектот „Зголемување на дигиталните вештини за земјоделските производители со цел прилагодување на новонастанатите пазарни и еконосмки услови на работење”, организира работилници во 11 општини со цел земјоделците да се запознаат со дигиталните алатки заради навремено аплицирање за субвенции, навремено планирање на своето производство и пласман и истовременонегово развивање, рече асистентот на проектот, Зоран Биковски на денешната прва работилница во Делчево.

Земјоделците, додаде Биковски, се една од најпогодените категории граѓани од пандемијата, а познавањето на дигиталните алатки значително ќе им помогне поефикасно да се справат со предизвикот.

-Со обуките ќе бидат опфатени над 120 земјоделци од Источно-планскиот регион. Би им порачал да не гледаат со страв на ИТ вештините како на нешто што не може да се достигне. Преку конкретни обуки ќе стекнат знаење и вештини, како да си го организираат производството, меѓутоа од друга страна и да посветат повеќе време на семејството, на менталното здравје и што е најважно, да ги почитуваат протоколите, за да го пребродат ова многу тешко време, истакна Биковски.

Во рамки на проект е предвидено и економско јакнење на земјоделците. Најмногу поддршка ќе добијат медарите и млекопроизводителите за кои ќе се работи на зајакнување на активностите за откуп на нивните производи. Проектот е финансиран од Владата на Република Северна Македонија. вс/мч/


Видете следно

Профитот на „Амазон” зголемен за 197 отсто во последното тримесечие

Продажбата и профитот на Амазон значително се зголемија во последниот квартал бидејќи потрошувачите се потпираат …