Зградите да се трансфомираат во објекти со потрошувачка на енергија близу до нула


Трансформацијата на зградите во објекти со потрошувачка на енергија близу до нула (nZEB) и бариерите и можностите за интеграција на системите за складирање енергија во згради со фотоволтаици се предизвиците со кои се соочува научната и стручната јавност. Ова е заклучокот од денешната дебата на работилницата „Бариери и можности за интеграција на системи за складирање енергија во згради со фотоволтаици и примена на nZEB стандардите“ организирана од Факултетот за електротехника и информациски технологии.

„Целите на европската политика за клима и енергија се јасно поставени – до 2050 година, целосна декарбонизација на производството на електрична енергија (без емисии на сткленички гасови, а тоа значи без фосилни горива) и намалување на емисиите на стакленички гасови од целокупниот енергетски сектор за 80% во однос на нивото во 1990 година. За постигнување на овие цели, уделот на обновливите извори енергија, се разбира со значајно место на сончевата енергија, сè повеќе ќе се зголемува, сè повеќе ќе има влез на енергија која внесува непредвидливост. Во таков контекст, начините и технологиите за складирање на енергија добиваат сè поголемо значење.“, објасни професор д-р Наташа Марковска од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при Македонска академија на науките и уметностите (ИЦЕОР-МАНУ).

Според неа, „хибридот од фотоволтаици и системи за складирање на енергија е еден од начините за овозможување поголема интеграција на соларната енергија во електро-енергетските системи, особено кога се работи за островски системи или изолирани заедници.“, заклучува Марковска.

Според професорот од ФЕИТ, Димитар Димитров, во последниве години, цените на компонентите на фотоволтаичните системи се значително намалени, што доведе до намалување и на производната цена на електричната енергија. Таа веќе го достигнува нивото на цените а од класичните извори.

„Од друга страна, производството на електрична енергија со ФВ системи има варијабилен карактер. Поради тоа, произведената електрична енергија од ФВ системите нема да може да постигне соодветна цена на либерализираниот пазар. Еден од начините за намалување на негативните последици од варијабилноста на производството е складирање на електричната енергија. Притоа, со правилно димензионирање и управување, се намалуваат варијациите, а електричната енергија ќе може да се користи во периодите на повисока тарифа. Сето тоа води кон намалување на бариерите со кои се среќаваат ФВ системите“, вели Димитров.

Љупчо Димов од скопската општина Карпош објасни дека единиците на локалната самоуправа и според досегашните законски решенија, а посебно според новиот закон за енергетика и законот за енергетска ефикасност (во подготовка) имаат широк спектар на можности за примена на системите со фотоволтаици како поединечни извори на енергија.


Видете следно

Државата ќе поддржува брзорастечки иновативни бизниси

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и …