„Животниот стил на мојот град“ – идејата од наши млади иноватори во финале на Европскиот форум Алпбах 2021


„Животниот стил на мојот град“, или оригинално на англиски: “MY CITY LIFESTYLE”, е идеја на млад тим составен од тројца иноватори од кои двајца македонци, Мирослав Драганов и Елена Новотни Симјановски од Скопје, како и еден србин, Немања Митровиќ од Белград. Сите членови на тимот се поранешни стипендисти на Европскиот форум Алпбах во Австрија, кој има 76 годишна традиција почнувајќи од формирањето на Европската заедница за јаглен и челик непосредно по Втората светска војна. „Животниот стил на мојот град“ е директно поддржана во процесот на развивање од македонската софтверска компанија WIDNET Solutions. Оваа нивна идеја, завчера, на свечената церемонија на далечина, беше избрана во топ 8 најиновативни идеи и прогласена лично од претседателот на Австрија, Александер Ван дер Белен, кој ги слушаше говорите на сите тимови. „Животниот стил на мојот град“ e избрана во најдобрите 2 идеи во категоријата „Урбана трансформација“, водена и поддржана од Erste Group (групација на банки чиј дел е и Шпаркасе Банка).

Во август, нашите млади иноватори ќе развијат прототип и во финалето ќе ја презентираат оваа идеја во живо, на сцената на Европскиот форум Алпбах, кој годинава ќе се одржува во хибридна форма, и тоа пред многубројни светски инвеститори, научници, експерти, бизнисмени и носители на јавни функции. Оваа година за прв пат се организира иницијативата „Предизвици“ во рамки на Форумот, при што можност да земат учество имале сите поранешни учесници на овој престижен форум (сега alumni) и членови на партнерските организации, а тоа се најмалку по 3.000 учесници од секоја година. Од нив над 500 се пријавиле на отворениот повик оваа пролет, над 400 учесници од 62 земји во светот започнале да работат во тимови за да креираат идеи кои наскоро би ги реализирале, при што започнати се над 80 идеи, а на крајот од процесот целосно завршени и поднесени се 50 идеи во 4 категории. Од сите нив избрани се 8-те финалисти од кои „Животниот стил на мојот град“ е меѓу најдобрите две во својата категорија.


Со ова финале, македонските млади ја продолжуваат успешната традиција на освојување меѓународни награди на Европскиот форум Алпбах. Во 2009 година Мирослав Драганов беше победник на ораторската вечер, а во 2014 година првото место на истиот натпревар го освои Зоран Стефановски. Да им посакаме и овој пат на нашите млади иноватори да го освојат првото место во финалето и да ја реализираат нивната креативна замисла од која веруваме дека долгорочни придобивки ќе имаат сите европски градови.


Видете следно

Граѓаните во Скопје спасија над 111 милиони денари од уништување

Кога сте добро организирани, 24 часа е доволно време да патувате на другата страна на …