Breaking News

Зимска еко-акција за уредување на просторот долж регионалниот пат Македонска Каменица – Делчево


Во Македонска Каменица спроведена зимска еко-акција за уредување на просторот на регионалниот пат кој води од Македонска Каменица кон Делчево. Со акцијата која ја реализираа вработени во Јавното претпријатие Камена Река опфатени се повеќе површини долж овој патен правец.


– Чистењето на јавните површини во Општина Македонска Каменица се одвиваше непречено и покрај делумно отежнатите услови за работа предизвикани од ниските температури. Истата е реализирана од вработените во Јавното претпријатие задолжени за комунална хигиена и јавна чистота кои во текот на вчерашниот ден спроведоа целодневна еко акција околу регионалниот пат од излезот на Македонска Каменица кон Делчево, информираа од претпријатието.


Во зависност од поволноста на временските услови најавија продолжување со реализација на еко акции и во останатите делови од општината.

– Јавната чистота останува приоритет во нашето работење, за што ќе продолжиме со реализација на зацртаната програма која има за цел Општина Македонска Каменица да го задржи имиџот на најчист град во овој дел од државата, додадоа од претпријатието.


Апелираа на зголемена свест на населението за јавната чистота со што ќе дадат свој придонес во одржувањето на чистата животна средина. вс/ир

Македонска Каменица, 8 февруари 2023 (МИА)